ВОДЕНИ, МАСЛЕНИ И СИЛИКОНСКИ ТЕЧНИ ПУДРИ! КОЈА Е РАЗЛИКАТА?

При изборот на течна пудра, обично се потпираме на препораките на познати блогерки, пријателки или мислењето на вработените во вашата омилена парфимерија. Често не размислувате за составот и формулата на течната пудра.

Но, дали знаете дека важно е да се знае на која основа е креирана вашата течна пудра – водена, маслена или силиконска. Со ова знаење, ќе бидете во можност да изберете течна пудра според типот на кожата, но исто така да ја комбинирате со соодветен прајмер и крем за лице со SPF заштитен фактор, за постигнување на најдобар ефект.

Како да изберете идеална течна пудра за вашата кожа и вашите потреби?

Потребно е да знаете дека постојат три основни видови на течни пудри: оние кои се на база на вода, на база на масло и на база на силикон. Важно е да препознаете во составот на течната пудра која од овие три компоненти е основата, така што ќе можете да ја комбинирате со останатите мејкап производи кои ги нанесувате на вашето лице. На овој начин, шминката ќе ви биде многу долготрајна.

Водени пудри!

Пудрите на база на вода се најдобриот избор за секојдневно шминкање или за комбинирана кожа со тенденција на појава на акни. Нивната текстура е многу течна и поретка е од силиконските пудри. Тие лесно се размачкуваат на кожата, па можеби ќе ви треба пудра во прав или матирачки ливчиња ако не сакате лицето да ви сјае.

Најголемиот број на течни пудри на пазарот се базирани на вода, така што тие се лесно достапни. По составот ќе ги препознаете, не по тоа што содржат вода бидејќи водата е прва состојка во составот на сите видови на течни пудри, туку по тоа што не содржат масла или силикони во составот.

Нанесување: најлесно се нанесува со прсти, особено ако сте во брзање. Совршено се блендира со четка, но и со сунѓерест или силиконски блендер.

Силиконски пудри!

Силиконските течни пудри се одликуваат по тоа што на второ или трето место во составот имаат супстанции кои во името завршуваат со -CONE или во средината на зборот има -SILO (Cyclopentasiloxane, Dimethicone, Cyclomethicone, Trimethylsiloxysilicate). Силиконските молекули имаат голем простор помеѓу себе и затоа се одлични за кожата – даваат добра покривна и апсорбциона моќ и спречуваат губење на хидратација.

Лесно се нанесуваат, лизгаат по кожата и лесно се блендираат. Одредени силиконски течни пудри имаат функција како: водоотпорност, чување на влагата во кожата, отпорност на потење. Тие се одлични за мрсна и мешана кожа, бидејќи ги пополнуваат порите. Иако силиконите ги пополнуваат порите, можете да ги користите од време на време кога сакате совршен мазен тен за специјални прилики.

Нанесување: најдобро се нанесуваат со густи четки.

Маслени пудри!

Ако вашата кожа е сува и се лупи околу носот – ова е идеална пудра за вас. Пудрите на база на масло се многу погусти и тешки во споредба со водените течни пудри. Но, со правилно нанесување, тие можат да дадат прилично лесно чувство на кожата на лицето. Маслените течни пудри се прилично ретки на пазарот и можете да ги препознаете по тоа што содржат маслени супстанции како што се: Decyl Oleate, Lanolin Oil, Argan Oil…

Маслените течни пудри нема да одговараат на секој тип на кожа, бидејќи маслото потешко навлегува во кожата и ова може да смета на комбинирана и мрсна кожа. Но, на сува кожа ќе даде прекрасен природен сјај и хидратација на кожата. Течните пудри базирани на масло ја намалуваат видливоста на брчките, па затоа се одлични за зрела кожа.

Нанесување: најдобро се нанесуваат со четка и бјути блендер, додека нанесување со прсти треба да се избегнува, бидејќи пудрата нема добро да се изблендира.

Важно е да знае?

Ако вашата шминка брзо се размачкува, ја нема саканата долготрајност, се акумулира во наборите на кожата, има изглед на дамка – тогаш можеби користите течна пудра со погрешна база за вашиот тип на кожа, или го комбинирате силиконскиот прајмер со течна пудра базирана на вода.

Значи – главното правило е да се комбинираат производи за лице со иста база – пудрите со силиконска база со прајмери на база на силикон, водените со водени…

Истото важи и за комбинација на крем со SPF заштитен фактор што се нанесува пред течната пудра, изберете го кремот со истата базна супстанца како што е вашата течна пудра.

2 thoughts on “ВОДЕНИ, МАСЛЕНИ И СИЛИКОНСКИ ТЕЧНИ ПУДРИ! КОЈА Е РАЗЛИКАТА?

  • 16.08.18 at 20:30
    Permalink

    Ako moze da se imenuvaat pudrite na baza na voda, da znaeme koi da gi barame.

    Reply
    • 18.08.18 at 09:47
      Permalink

      Здраво Сара
      Најголемиот број на течни пудри што се нудат кај нас во парфимериите се базирани на вода, така што тие се лесно достапни. По составот ќе ги препознаеш, не по тоа што содржат вода бидејќи водата е прва состојка во составот на сите видови на течни пудри, туку по тоа што не содржат масла или силикони во составот. За мене во моментов пудра на база на вода што е со одличен квалитет и прифатлива цена е: Catrice HD Liquid Coverage Foundation течна пудра за која можеш да пронајдеш повеќе информации во текстот што го објавив пред извесно време на порталот Убавина за сите.
      Како што напишав, постојат повеќе пудри на база на вода, во зависност од ценовниот ранг. Јас би издвоила неколку:

      Maybelline Fit Me! Matte + Poreless
      L’Oréal Paris Infallible 24H-Matte
      Catrice All Matt Plus – Shine Control
      Max Factor Facefinity
      Rimmel Stay matte liquid mousse
      MAC Studio Waterweight SPF 30
      Bobbi Brown Long-Wear Even Finish
      Clinique Stay-Matte Oil-Free
      Estée Lauder Double Wear Stay in place
      Lancôme Teint Idole Ultra Foundation

      Поздрав Маја,
      Убавина за сите – слатки ритуали

      Reply

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *