Интервју со Paolo Terenzi! Познат мастер парфимер и најголемо име во светот на niche парфемите!

Скопје деновиве го угости познатиот мастер парфимер и најголемото име во светот на niche парфемите, Paolo Terenzi. Талентиран, неконвенционален и маестрален познавач во создавањето на мирисни приказни, Paolo Terenzi е сензација во светот на убавината.

Професионален музичар со диплома на право и филозофија, ја изучува хемијата и физиката, со неограничена поетска имагинација и сензибилитет, познат по тоа што парфемите ги креира со природни суровини кои лично ги собира на бројните патувања низ целиот свет. Неговите парфемски композиции му донесоа слава во светот на парфемите, но и номинација на една од најпрестижните награди која се нарекува парфемски Оскар – Fifi Awards.

Ексклузивно интервју со парфимерот Paolo Terenzi во парфимеријата Абанела Мериот!

Со Paolo Terenzi во ексклузивната парфимерија Анабела Мериот водев прекрасен разговор за парфеми, молекули и инспирација, а интервјуто со него за интернет порталот Убавина за сите – слатки ритуали ви го пренесувам во продолжение!

Големо задоволство е да се сретне човек како вас на ова прекрасно место и да разговараме за парфеми и инспирација. Господине Paolo, ова е ваша прва посета на Скопје и на Македонија! Кои се вашите впечатоци?

Да ова е мој прв, но сигурно не и последен пат во Македонија, затоа што сум импресиониран од атмосферата, вибрациите, топлото гостопримство, а воедно и од убавината на дамите и луѓето овде. Целокупната околина, убавината на земјата, плодовите што ги имате овде… вчера бев во една винарија и ги открив вината во Македонија, се што вкусив беше фантастично, затоа со сигурност би рекол дека повторно ќе се вратам овде.

Со вашата сестра Tiziana Terenzi, која се грижи за дизајнот на шишенцата, креирате формули за парфемите за вашите брендови Tiziana Terenzi и V Canto. Ве молам кажете ми нешто за вашите „мирисни патувања“?

Прво морам да нагласам дека Tiziana не е само дизајнер. Јас и Tiziana сме брат и сестра, но во работата тешко е да се каже кој дел е на Paolo, а кој на Tiziana. Станува збор за семеен бизнис и семејна љубов. Ние сме различни личности, имаме различни карактери, дури понекогаш и не се согласуваме, но љубовта секогаш е тука. Можеме да си веруваме еден на друг, така што навистина не може да се каже што е мој дел, а што на Tiziana. Тоа е повеќе од тим, тоа е семејство.

Уште еден важен момент е тоа што кога ние ја работиме нашата работа ја негуваме уметноста. Кога го започнавме проектот пред се требаше да ја задоволиме нашата потреба за уметност. Се што работиме, работиме со огромна посветеност. А од друга страна сакавме да му искажеме голема благодарност на нашиот татко, еден спомен, бидејќи почина пред 15 години.

Ова беше многу важно за нас, а кога брендот стана популарен, мислам дека нашиот успех се должи на тоа што луѓето го препознаа природниот допир на алхемичарот, ја препознаа љубовта, а таа ги допира луѓето.

За вас, господине Paolo велат дека сте „ренесансен човек од 21 век“, бидејќи се бавите со хемија, физика, уметност, музика. Дали се гордеете со ова?

Да! Ви благодарам за прашањето и горд сум што ми поставивте вакво прашање! Јас сум многу љубопитна личност. Уште кога бев мал, првата книга што ја прочитав беше „Илијада“, потоа ја прочитав „Одисеја“, а имав само шест години. Луѓето беа вчудоневидени!

За мене секој нов ден е добар ден за да се научи нешто. Јас постојано сакам да се надоградувам и да учам нешто ново. Се движам со луѓе од кои можам да научам нешто, слушам, гледам, набљудувам, се со цел да се подобрам себе си. Јас сум тип на човек кој си поставува високи цели, високи критериуми. Мојата иднина – тоа е сегашноста! Јас ја живеам секоја секунда од мојот живот достигнувајќи го максимумот. Се стремам кон животот. Се разочарувам поради мојата старост. Си велам види колку новини доаѓаат, нови технологии, јас сакам да ги видам сите тие работи, сите идни случувања, но не поради тоа што сакам да живеам 200 години, туку поради тоа што сум љубопитен.

Моето образование беше тежок дел од мојот живот. Јас поседував многу таленти, а немав чиста идеја што сакам да правам во животот. Но, воспитан сум на тој начин што ако започнеш некоја работа мораш да ја завршиш, не смееш да ја оставиш на средина. Тоа е она што им го пренесувам на моите деца.

Дали вашите парфеми навистина ги надминуваат трендовите?

Ова е најголем комплимент што можете да ми го дадете, но јас не ја следам модата, не ги следам трендовите. Парфемите ги правам како инспирација, уметност. Кога создавам парфем не мислам на категорија, тип… мислам само на уметничката нота на парфемот. За мене парфемот е уметничко дело како што е една скулптура, една уметничка слика, една композиција или опера.

Еден Raffaello не е тренди, но Raffaello е Raffaello, Da Vinci е Da Vinci. Јас не можам да бидам како Raffaello, свесен сум за тоа, но тоа е моето срце или ви се допаѓа или не ви се допаѓа. Во почетокот имав несогласувања со моите дистрибутери. На пример: ми велеа зошто да не направам парфем со цветна нота, тоа се продава. Јас категорично одговарав дека не ми е грижа дали се продава или не. Јас сакам да создавам производ кој ќе трае, а не кој ќе биде „за еден ден“.

Горни ноти, средни и базни, поделба која е општо прифатена во светот на парфемите, дали сметате дека оваа поделба е досадна?

Апсолутно досадна! Супер-досадна! Како што и претходно кажав, треба да се слуша парфемот и приказната која ја носи тој. Состојките, поделбите се чист маркетинг кој се користи за поголема продажба на парфемот. Едноставно нема никаква смисла.

Дали сеќавате на вашиот прв парфем што ве воодушеви?

Да, се сеќавам! Првиот парфем на кој се сеќавам беше колонска вода за после бричење која дедо ми си ја направи за себе. Овој парфем навистина беше столб на моето детство. Мирисајки го – се чувствував сигурен, заштитен.

Која личност во вашиот живот ја сметате за најзаслужна, што ве воведе во тајните за парфемите?

Никој посебно не ме мотивира. Јас сосема природно влегов во светот на парфемите. Често велев дека сум роден во свеќа која плива во парфеми. Дедо ми произведуваше парфеми, така што јас целото детство го поминав во неговата лабораторија. Јас бев  палаво момче, честопати дедо ми ќе ми ги врзеше очите, ќе ме седнеше до работната маса и ќе ми дадеше да препознавам мирисни дрвца, тревки или цвеќиња. Нашата мала игра се состоеше во тоа колку повеќе состојки ќе препознам, толку побрзо ќе ми ги одврзеше очите.

Јас не бев втурнат во полето на мириси, јас пораснав во тоа поле. Потоа ја напуштив таа област и се посветив на полето на музиката, физиката, астрономијата која се уште многу ме интересира, како што знаете цела моја мирисна колекција ја именував по ѕвездите или соѕвездијата, но цело време парфемите беа во мојата ДНК .

Зошто на секој ваш парфем пишува „per te“, за кого е наменета пораката?

„Per te“ значи „за тебе“. За Tiziana и за мене тоа значи за Terenzi Evelino, нашиот татко. Но, на универзално ниво парфемот со пораката „per te“ ја содржи целата наша љубов и страст,  затоа тоа е порака за некој на кој сакате да му дадете посебен подарок, за себе, или за љубениот / љубената. За Tiziana и за мене тоа е посебен подарок за нашиот татко, за се што добивме од него. Не на материјален план, туку за приказот на вистината, за однесувањето кое тој ни го пренесе нас, а кој не направи подобри луѓе.

Дали постои разлика помеѓу италијанската и француската школа за изработка на парфеми? Дали е точно дека француската школа за изработка на парфеми започнува во лабораториите и молекулите, а италијанската почнува со природни есенции?

Ова е историски дел. Французите биле варвари и не знаеле ништо во врска со парфемите. Парфемот е роден на медитеранско тло. Преку Кипар, Египет и Рим. Во 15ти век еден господин, во Венеција го откртива алкохолот помешан со масло за да добие парфем. Првиот парфем е роден во Италија. Catherine de’ Medici се омажила за King Henry II од Франција. Тој бил крал познат по тоа што не водел сметка за лична хигиена, не се бањал. Во кралскиот двор вработил човек кој изработувал парфеми. Така парфемот станува популарен во францускиот двор.

Во тоа време Италијанците биле многу понапред, но вистина е дека француските парфеми се прават за да го достигнат совршенство се со цел да се врати вложената инвестиција. Парфемите се произведуваат за масовна продажба, во лаборатории по хемиски пат. Јас со мојот начин не можам ниту да произведам многу, ниту да продадам многу. Природата секогаш произведува малку и различно.

Според ваше мислење каде се зачетоците на niche парфемите и која држава е колевка на artistic perfumery?

Според мене niche парфемите не постојат, мртви се! Niche стана многу голем пазар и повеќе не може да се нарече niche. Големите групации како L’Oréal, Gaultier, Estee Lauder, ги купуваат брендовите и се стремат кон друго ниво. Единствен начин да се остане  автентичен е да се задржи уметничката нота на парфемот. Таа почнува сега. Ова е новата граница кој треба да ја поминеме. Доколку ја гледате приказната за парфемот, мислам дека Италија и Германија се првите земји од западот каде artistic perfumery ги има своите корени. На исток тоа се Катар, Саудиска Арабија, бидејќи тие се стремат да бидат автентични, единствени и го негуваат тоа.

Ви благодарам за интервјуто и ве поканувам повторно да ја посетите нашата земја.

Ви благодарам за поканата и сугурен сум дека повторно ќе ги видам природните убавини на Македонија, бидејќи основна состојка на моите парфеми е природата.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *