Откриваме: Дали сувиот шампон е штетен за вашата коса и теме?

Во текот на изминатите неколку години, сувиот шампон е задолжителен производ за коса во бањата на речиси секоја девојка или жена. Се користи помеѓу две миења за да се освежи и одмасти косата и ефикасно го продолжува ефектот од фенирањето. Но, сите не се воодушевени со сувиот шампон, некои корисници се жалат на губење на косата, иритација на скалпот, првут, па дури и дерматитис. Дали се работи за несакани дејства на овој популарен производ или негова погрешна употреба? Одговорите на овие прашања за вас ги побарав кај дерматолозите.

Секој од нас посегнува по шишенцето со сув шампон во оние денови кога не стигнуваме да ја измиеме косата, а потребно е да изгледа свежо и уредно. Сепак, веројатно секој од нас забележал барем мало чешање или првут после постојаното користење на овој производ за коса.

Како функционира сувиот шампон?

Шампонот за суво миење, познат како сув шампон е производ во спреј кој се нанесува на скалпот за впивање на вишокот маснотии и непријатните мириси, а не бара вода. Овој производ се базира на текстура во прав која има абсорбциони својства. Како прав, најчесто се користи скроб, брашно или талк.

Како сувиот шампон и штети на косата и скалпот?

Наслаги на темето!

Нашата коса, ден или два по миењето, нормално се мрси, поради активноста на лојните жлезди на скалпот што произведуваат природна маст – себум. Сувиот шампон го впива себумот, но и кога добро ќе се прочешла косата, некои честички од пудра остануваат на косата и скалпот. Кога се користи неколку последователни денови, овие честички заедно со загадувачите на воздухот и хемикалиите од други производи за нега на косата, почнуваат да создаваат наслаги на скалпот.

Ова може потенцијално да доведе до раст на габички и себороичен дерматитис, состојба која се карактеризира со лупење на кожата, црвенило на кожата и првут.

Бактерии и црвенило!

Наслагите од сувиот шампон ги заробуваат бактериите, што може да доведе до воспаление на фоликулот на влакното, предизвикувајќи мозолчиња или цисти. Овие мозолчиња на крајот се сушат и формираат коричка, што ја нарушува работата на фоликулите и во крајна линија доведува до губење на косата.

Опаѓање на косата!

Покрај тоа, микрочестичките во прав може да ги запушат порите на скалпот, предизвикувајќи зголемено лачење на себум. Дури и да не предизвика воспаление на кожата, сувиот шампон може да делува негативно на фоликулите, прекинувајќи го нивниот стандарден циклус на растење. Некои суви шампони содржат алкохол, кој дополнително ќе го исуши темето.

Косата која има наслаги на темето е сува и има тенденција да се лепи и да се мрси. На овој начин може да опадне до 3 пати повеќе коса од природниот начин на губење на косата, што е околу 100 влакна на ден.

Како безбедно да се користи сувиот шампон?

Фризерите и дерматолозите се согласуваат дека повеќето луѓе можат да го користат сувиот шампон без никакви проблеми и последици, се додека ги следат упатствата за употреба и здравиот разум. Она што многу луѓе не го знаат е дека сувиот шампон се користи исклучиво на сува коса и сув скалп. Значи, косата не треба да биде испотена или влажна. Се препорачува да не се употребува повеќе од 2 дена по ред и лицата кои страдаат од егзема или псоријаза треба да се консултираат со лекар пред да употребуваат сув шампон.

Сувиот шампон не може да го замени редовниот шампон и миењето на косата!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *