Шминка за Нова година! Најважна е подлогата!

Избравте фустан, ги комбиниравте чевлите, ја пронајдовте посакуваната фризура, единственото што ви недостасува е шминката. Како по правило, шминката ја оставате за крај, затоа не е изненадување кога за кратко време откако часовникот ќе означи полноќ, вашето лице се претвора во детска боенка. Вашиот кармин останува на чашата од шампањ, на образите, а пудрата се топи од топлотните бранови додека играте на популарните тактови, додека маскарата ја исцртува само за себе познатата „мапа“…

Наместо во Новата година да влезете во најубавото можно издание, поради размачканата шминка се криете од погледите на присутните! За најлудата ноќ да не ви се претвори во лош сон и ноќта да не ја поминете во бескрајно поправање на шминката, важно е подготовките да ги започнете на време. Шминката за Нова година е „тешка“ и затоа најважно е да се осигурате дека нејзината постојаност ќе ја постигнете со добар прајмер-подлога!

Подлогата е повеќе од половина работа!

Во зима треба да обрнете повеќе внимание на нега на кожата. Редовно треба да ја храните и хидрирате со соодветна дневна и ноќна крема, бидејќи тоа е предуслов кожата на лицето да биде цврста, сјајна и свежа. Шминката нема добро да изгледа на сува кожа, затоа пред шминкањето, на чисто лице нанесете дневна крема збогатена со хијалуронска киселина која ќе ви обезбеди влажност, но исто така ќе ве заштити од агресивните надворешни влијанија.

Следува најважнотоподлога за пудра! Со неа можете да заборавите на досадните корекции, бидејќи шминката нема „да се помести“ од лицето. Нема да ви се појават дамки, набори и избледена боја, напротив – се ќе изгледа совршено како штотуку да сте го завршиле шминкањето. Дали ова се доволно причини за вас никогаш повеќе да не го прескокнете нанесувањето на подлога за шминка?

Со пудрата запечатете го совршениот изглед!

Добра корективна пудра има лесна текстура, обезбедува природен изглед и дава чувство на удобност. Таа треба да обезбеди совршена и долготрајна покривност на несовршеностите на вашето лице, да постигне мат ефект, изедначување на тенот, да ги неутрализира темните кругови и црвенилото и да ги прикрие лузните.

Нијансата на пудрата ја одредува бојата на тенот и ако се исчезнати сите траги од вашиот исончан тен, нијансата на течната пудра треба да е во согласност со вашиот актуелен изглед. Нијансата што е најслична со бојата на кожата на вратот ќе биде вистински погодок. Свечените прилики како што е новогодишната ноќ дозволува повеќе пудра отколку обично.

Блескави очни капаци со атрактивни бои!

Блескави и интензивни нијанси на сенки се совршен избор за новогодишната вечер за вашите очни капаци. Ако се одлучите сенката да ја вклопите со бојата на очите, запомнете го следново: на кафени очи – одговара се, но особено зелената, сините очи ја сакаат кафената, златната и бордо нијанса, додека за зелените очи најпогодни се виолетовите, земјените, па дури и црвеникавите нијански. Ако сакате блескав ефект, слој на светки над сенката ќе биде совршен избор за време на новогодишните празници.

Гламурозен црн smokey eye никогаш не излегува од мода, но ако сакате да се издвоите од другите и да покажете дека сте различни, пробајте некои посмели бои како виолетова или зелена боја. Од друга страна, ако сакате драматичен и заводлив изглед – фатете го тушот за очи во вашите раце!

Шминката задолжително да ја заокружите со два до три слоја водоотпорна маскара која ќе ја нанесете на претходно извиткани трепки.

Истакнете го најубавото кај вас!

Шминката за Нова година вклучува контурирање, затоа бидете слободни со хајлајтер да ги просветлите и истакнете сите свои адути, а да ги затемните оние делови на вашето лице кои можат да имаат некои недостатоци. Контурирањето е идеален начин вашето лице визуелно да го стеснете или да го проширите, да го намалите носот, да ги потенцирате јаболкниците, да го скратите челото…

Заводливи усни во храбри бои!

Сензуалните црвени и виолетови усни доминираат оваа сезона, а така ќе биде и во новогодишната ноќ. Долготрајните мат формули се непогрешлив избор, бидејќи покрај изразените пигменти, гарантираат и постојаност. Оние оригиналните, самоуверените и креативните можат да изберат светла нијанса на кармин како сина, жолта или розова.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *