Гел за нокти!?
Премногу обврски, премалку време, уште треба да се занимавате со лакирање на ноктите, турпијање, сушење и поправки, сето ова може да го добиете во козметички салон. Долги, кратки, украсени, шарени, француски маникир, шпицести, овални, еднобојни, шарени, со цртежи, со налепници, со циркони… Само покажете со прст и ваши се! Маникирот со гел за нокти стана избор на помодарство, а сето тоа под изговор дека неколку недели од третманот ќе бидете безгрижни. Ќе уживате во совршени нокти и сите ќе се восхитуваат од убавината на вашите раце. А дали е сè така совршено како што звучи? Изгледа дека не е…
#1 Здравствен аларм!
Нанесувањето на непропустлив гел за нокти и изложувањето на УВ зрачење на секои две до три недели, сигурно не може да се смета за безопасно. Освен што ги оштетува ноктите, нанесувањето на пластика и гел влијае на кожата на рацете. Неоспорно е дека ќе бидете задоволни со изгледот, но дали некогаш сте се запрашале што се случува под материјалите со кои се изведува лиењето на ноктите или надградбата?
Фактот дека подолго време немате увид во она што се случува со вашите нокти, не е ни малку ветувачки, напротив. Ваквите козметички третмани може да предизвикаат алергиски реакции, бактериски инфекции, појава на габични инфекции. За тоа не сте свесни се додека не дојде време да го отстраните гелот. Затоа, гел техниката се препорачува само за специјални прилики, со задолжително нанесување на крема за сончање со висок УВ фактор за заштита на кожата на рацете.
#2 Опасни хемикалии!
Најчеста последица од нанесување на гел на ноктите се кршливи нокти. Со тек на време ноктите почнуваат да се лупат. Се случува после третманот со УВ лампа плочите на ноктите да болат или да печат. Исто така, ноктите често ја менуваат бојата, бидејќи не можат да дишат под гелот, а можат и да се деформираат.
Апсурдот е уште поголем, бидејќи техниката која е претставена како синоним за заштита и зајакнување на ноктите после некое време дава сосема спротивен ефект. Експертите предупредуваат дека без разлика на квалитетот, геловите содржат голем број на штетни хемикалии кои се апсорбираат со дишење. Покрај тоа што се штетни за вашите нокти, доаѓа до таложење на штетни хемикалии во вашето тело.
#3 Габички, бактерии, инфекции…
Гел ноктите се идеален „полигон“ за развој на габички и бактерии, па дури и егзема. Во подготвителната фаза, ноктите се турпијаат, а плочата на ноктите се истенчува. На овие места се задржува вода и кога преку нив ќе се нанесе непропустлив слог на гел, водата не може да испари. Поради тоа доаѓа до развивање на бактерии и габички кои не може да се лекуваат додека не го отстраните гелот.
Козметичките салони генерално не користат нови турпии или ножици пред секој нов клиент! Затоа, бидете сигурни дека вашиот козметичар редовно ја дезинфицира опремата за да не ризикува да добиете инфекција.
#4 Ризик од УВ зрачење!
За сушење на гелот се користат ламби кои функционираат на принципот на УВ бранови и имаат за цел сврзување на гелот за ноктите. Овој момент се смета за најштетен! Тоа е затоа што УВ зраците ја загрозуваат кожата на рацете и предизвикуваат нејзино забрзано стареење, хиперпигментација, контактен дерматитис и алергии.
Некои истражувања покажуваат директна врска помеѓу ултравиолетово зрачење на кои се изложени ноктите и ракот на кожата. Но, други го негираат овој став тврдејќи дека за развојот на болеста треба да имате околу 250 години на неделни третмани на ноктите.
Што е сигурно – сигурно е!
Ако се вратиме на почетокот и ја ставиме на вага заштедата на време, а од друга страна сите ризици што ги подразбира маникирот со гел, се чини дека се е многу јасно. Одете во парфимерија по класични лакови и весели бои што ќе ја одбележат сезоната што претстои. Што е сигурно – сигурно е!