Со сите нови мејкап трендови што доаѓаат и си одат, тешко е да се утврди кои мејкап производи се клучни и неопходни, а кои не. Просечната мејкап рутина денес има многу повеќе чекори и производи од пред 10 години. Kако да се справите со прајмерот, хајлајтерот, руменилото и контурите? Затоа ви ги откривам советите на професионалните шминкери, кој е точниот редослед за нанесување на мејкап производите!
Правилен редослед на шминкање: Чекор по чекор!
#1 Хидратација на кожата!
Основата на секоја добра шминка е хидратација и добра нега на кожата! Шминката секогаш се нанесува на свежо исчистена кожа, која е тонирана и хидрирана со серум и дневен крем. Дозволете кремот да се апсорбира најмалку 15 минути пред следниот чекор во шминкањето. На овој начин, ќе спречите прајмерот и пудрата да се апсорбираат заедно со кремот во кожата.
#2 Прајмер!
Прајмерот е база за течната пудра и бариера помеѓу кожата и шминката. Улогата на прајмерот е да ја продолжи издржливоста на шминката на лицето, да ја изедначи кожата, да ги пополни порите и фините линии. Прајмерот не е чекор кој е неопходен за секојдневната шминка, но навистина прави разлика за специјални прилики. Секогаш се нанесува со прсти, со тапкање по лицето само кога дневниот крем е доволно апсорбиран!
#3 Веѓи и очи!
Следниот чекор се – веѓите. Додека чекате прајмерот да се апсорбира и да налегне на кожата, исцртајте и пополнете ги веѓите. Потоа преминете на очите – направете комплетна шминка на очите пред нанесувањето на течната пудра, за да избегнете честички од сенката или маскарата да паднат по нанесената течна пудра и да направите хаос!
#4 Течна пудра!
Сега е време да ја нанесете течната пудра – но само после нашминканите очи и подготвената кожа. Пудрата нанесете ја по цело лице, освен во зоната околу очите – тука ќе нанесете течен коректор. Пудрата се нанесува со прсти, четка или блендер во зависност од видот на пудрата која ја преферирате.
#5 Коректор!
Кога го изедначивте тенот, сега треба да процените на кои места ви е потребено поголемо покривање – тука настапува коректорот! Сите флеки, мозолчиња и лузни најверојатно нема да бидат покриени со течната пудра, затоа ви треба коректор за да се справите со сите недостатоци. Покрај тоа, на подочниците нанесете течен коректор, кои ќе го осветли и изедначи пределот околу очите.
#6 Дефиниција на лицето – Руменило, бронзер и хајлајтер!
За лицето да не ви биде рамно и бледо како лист хартија, следниот чекор се производите за дефинирање на лицето, а тоа се: руменило, бронзер и хајлајтер. Шминкерите советуваат прво да нанесете бронзер, потоа руменило и на крај хајлајтер. Бронзерот нанесете го под јаболкниците и на слепоочницата во облик на бројот 3, потоа нанесете руменило на самите јаболкници, а хајлајтерот на нивниот врв, како последен чекор.
#7 Усни!
Кога го средивте остатокот од вашето лице, последниот чекор е додавање на боја на усните! За да постигнете вашиот молив за усни да трае подолго, нанесете го на суви усни пред балсамот или карминот. Потоа нанесете тенок слој од балсам за усни, а потоа боја на усните во форма на кармин или сјај.
#8 Пудра за фиксирање или фиксатор!
Последниот чекор кој ќе обезбеди трајност на вашата шминка, како и сигурност дека нема да исчезне во текот на денот е нанесување на тенок слој од транспарентна пудра за фиксирање со која ќе го напудрите лицето. Ако не сакате мат ефект, а посакувате само долготрајност на шминката, тогаш подобро определете се за фиксатор во спреј со кој може да го фиксирате секој мејкап изглед!