Нови мејкап трендови се раѓаат скоро секој ден и понекогаш навистина е тешко да се следи нивниот јазик. Од baking – „печење“, не на колачи, туку на коректор, преку strobing – техника на хајлајт на лицето, некои од овие термини може да бидат збунувачки, особено ако не зборувате добро англиски јазик. Затоа, за вас ќе ги објаснам 10-те најважни мејкап термини што секоја жена мора да ги знае – особено ако ја сака шминката!
Ова се термините кои ги знае секоја зависничка од шминка!
#1 Contouring
Контурирање е мејкап техника која ги нагласува природните црти на лицето. Со оваа техника се истакнуваат линиите на лицето и се постигнува ефект на помал нос, тесно лице и високи јаболкници. Со користење на контрастни нијанси на потемни бои – бронзер или палета за контури и посветли бои – хајлајтер или коректор, на клучните области на лицето, може лесно да се „скулптурира“ вашето лице!
#2 Baking
Додека терминот „baking“ ве асоцира на колачиња кои се печат во рерна – во шминкањето тоа е процес на нанесување на транспарентна пудра во прав на кожата, овозможувајќи на телото да го „истопи“ коректорот или течната пудра. На овој начин се создава беспрекорна мејкап завршница.
Значи, нанесете течна пудра и коректор, а потоа со бјути блендер нанесете со тапкање поголема количина на транспарентна или банана пудра во прав. Нека „отстои“ 10 минути, а за тоа време топлината на кожата ќе ја направи магијата! Истресете го вишокот и уживајте во сетиран коректор кој изгледа совршено.
#3 Кабуки четка
Кабуки четка е густа четка за нанесување на пудра во прав, со кратка рачка, што ја прави идеална за нанесување на повеќе мејкап производи. Името доаѓа од јапонскиот кабуки театар. Овие четки се користат за нанесување на течна пудра, руменило, бронзер и пудра за сетирање.
#4 Cut crease
Едноставно кажано – cut crease техниката за шминкање значи да се користат сенки во прегибот на очниот капак за да се создаде подраматичен изглед. Прегибот на очниот капак остро се „сече“ со контрастна сенка за да се добие длабочина во мејкап изгледот и да се нагласи обликот на окото. Се добива остра линија која директно ги раздвојува двете нијанси на сенка.
#5 Hitting the pan
Овој термин значи дека сте почнале да го трошите мејкап производот, кој се наоѓа во метален сад, односно пресувани производи како што се сенка за очи, бронзер, хајлајтер и компактна пудра. Ова значи дека може да го видите дното на металниот сад после повеќекратно користење. Зависниците од шминка го обожаваат овој момент, бидејќи тоа е еден вид на гордост дека навистина го користите саканиот производ за шминка.
#6 Tightline
Tightline означува полнење на коренот на трепките со помош на молив за очи, за да добиете дефинирана линија. Со ова ќе ги направите трепките визуелно погусти, а вашите очите ќе изгледаат одморно, што е одлично за изглед како без шминка.
#7 Strobing
Strobing е техника која е спротивна на контурирање. Наместо цртите на лицето да ги нагласувате со засенчување, со техниката strobing се става акцент на високите точки на лицето. Тоа е нанесување на хајлајтер или илуминатор на точките на лицето каде што сонцето природно би ги осветлило – јаболкниците, коската под веѓите, по должина на носот, на горната усна. Така се постигнува младешки изглед со природен сјај на лицето.
#8 Setting
Сетирање на шминката значи финално фиксирање на мејкап производите со пудра во прав или компактна пудра. Сетирањето обично се прави со транспарентна пудра во прав и голема четка за да се фиксира шминката. На овој начин, шминката ќе биде матирана, долготрајна, нема да се вовлече во фините линии, ниту да исчезне поради потење или мрсна кожа.
#9 Waterline
Waterline или водна линија е влажниот дел од капакот кој ја вклучува линијата помеѓу трепките и очните јаболкници. За да додадете дефиниција на секој мејкап изглед, исцртајте ја водната линија со темен молив за очи. За да ги направите очите да изгледаат одморни и свежи, користете бел или беж молив на водната линија. Бидете внимателни како нанесувате мејкап производ на водната линија – за да не го повредите окото!
#10 Dupe
Скратено од „дупликат“, терминот „dupe“ се однесува на евтина варијанта на одреден мејкап производ, кој има слична нијанса и финиш, а чини многу помалку пари. Затоа дјуп е омилена тема на бјути интернет заедницата – како да ги пронајдете истите нијанси на руменило или кармин за многу помалку пари!