Летото веќе е во тек и времето за годишни одмори започна. Секоја жена при планирање на одморот, голем дел од времето поминува размислувајќи: дали треба да се шминка на плажа? Одењето на плажа е одлична можност да се одморите од напорната работа и бројните обврски, но исто така и да се одморите од секојдневната шминка. Иако на вашето лице ќе му оговара да “дише”, тоа не значи дека целосно мора да се откажете од шминка на плажа. Следете го сопственото чувство и ако тоа ви вели “нашминкај се”, тогаш нашминкај се!
Шминка со водоотпорна формула!
Денес речиси сите козметички производи: маскара, туш за очи, пудра, бронзер, сенка за очи, кармин… можете да ги најдете со водоотпорна формула. За разлика од обичните, таа гарантира стабилност додека се капете во море, езеро, базен или се “топите” на летното сонце. Шминката отпорна на вода останува таму каде што треба да биде.
На плажа – минимум шминка!
Она што не треба да го заборавите, кога сте на плажа, шминката треба да се сведе на најразумна мерка.
Прво заштита, па сè друго!
Не е тајна дека шминката на многу жени им дава чувство на сигурност, но одењето на плажа бара правилата за шминка да се променат драстично. Ќе ви помогнам мудро да ги изберете производите и да ги избегнете реакциите на потсмев од соседната лежалка, но и сите негативни ефекти од прекумерната и несоодветна шминка.
За почеток најважно, на сонце не излегувајте без крем со заштитен фактор, лицето и телото целосно прекријте го висок фактор на заштита: UVA и UVB. Само тогаш сте подготвени да размислувате за шминка на плажа.
Очите се во центарот на вниманието!
Плажата не е место каде треба да инсистирате да носите сенка на очите, затоа најдобро е да ја прескокнете. Ако очите се вашиот заштитен знак и сакате да ги нагласите по секоја цена, треба да одберете водоотпорен туш. Нанесете го само на горниот очен капак, следејќи ја линијата на трепките.
Вечерното излегување е сосема друга приказна, тогаш слободно може безбедно да ги користите сенките за очи и тоа оние со светла боја кои потсетуваат на лето и овозможуваат многу експериментирање. Одлучете се за кремаста текстура, бидејќи таа е постојана и поефикасна во топло време.
Се разбира, водоотпорна маскара е една од најпосакуваните производи за шминка на плажа. Таа ќе ги направи вашите трепките густи, а погледот ќе биде повеќе заводлив. Вие само треба да ја изберете вистинската боја. Ако имате поголема колекција, можете да го менувате спектарот од ден на ден, па дури и да ја спарите бојата на маскарата со бојата на костимот за капење.
Пудра?
Вода, сончање и високи температури… Во овие околности, веројатно многу подобра опција е употреба на водоотпорни коректори или ББ креми, кои нема да бидат тешки и со кои ќе имате чувство дека на лицето немате шминка, но ќе ги сокриете сите неправилности на вашето лице: темни кругови, црвенило, акни…
Не кармин, не сјај, туку балсам!
Како што се грижите за заштита на лицето и телото од сонцето, исто така треба да ги заштитите усните! Тие се многу чувствителни, затоа преку ден користете балсам со заштитен фактор. За да им обезбедите целодневна мекост, на плажа задолжително понесете го омилениот балсам. Изберете го оној во боја што обично ја избирате кога купувате кармин.
Да не дозволиме!
Веќе знаете дека водоотпорната шминка се отстранува со специјални производи кои можат да бидат доста агресивни, па затоа не се препорачува секојдневна употреба.
Опуштете се и не претерувајте со шминка!
Не заборавајте дека плажата е место за релаксација и дружење, а не дискотека, па опуштете се и не претерувајте со шминка!