„Коктел“ техника за нанесување маскара!
Најдоброто нешто кај мејкап производите е можноста за нивно комбинирање, а тоа не се однесува само на боите и текстурите, туку и на самите производи! Ако барате начин како да го подобрите ефектот на вашата маскара, а за среќа имате неколку – пробајте ја „коктел“ техниката за нејзино нанесување! Овој метод вклучува нанесување на различни маскари во неколку слоеви со цел да ја постигнете саканата должина, подигнување и закривување на трепките! Во продолжение ви откривам како да го направете тоа!
#1 Изберете две различни маскари!
Ако имате повеќе отворени маскари, не ви замерувам, бидејќи знам дека потрагата по совршена маскара е долга. Изберете две маскари, кои даваат различни ефекти. Пред тоа, добро размислете што сакате да постигнете со трепките – дали сакате должина + закривување, или волумен + дефиниција. Според тоа изберете ги маскарите.
#2 Започнете со слоевито нанесување!
Откако ги одбравте посакуваните маскари, време е да започнете со слоевито нанесување. Прво, нанесете маскара што најмногу придонесува за обликот на трепките – значи, маскара за закривување. За оваа намена можете да користете водоотпорна маскара бидејќи најдобро ја одржува формата на трепките благодарение на специјалните восоци. Нанесете богат слој на трепките и почекајте малку да се исуши.
#3 Нанесете друга маскара!
После еден слој од првата маскара, време е да нанесете втор слој од другата маскара. Изберете ја онаа која ќе даде феноменална завршница на трепките – густина или должина, во зависност од тоа што сакате. Маскарата нанесете ја од коренот до врвовите на трепките со цик-цак движења.
#4 Помалку е повеќе!
После два слоја од две различни маскари, застанете за момент за да ја процените ситуацијата. Ако сакате уште малку „лифт“ ефект, додадете уште еден слој на маскара за закривување на трепките. Ако сакате малку повеќе должина и дефиниција, додадете ја само таа маскара.
Со трикот за слоевито нанесување на маскара важно е да запомните дека помалку всушност е повеќе и не сакате да завршите со грутки од маскара на трепките. Ако сакате да вклучите трета маскара во комбинацијата, фокусирајте се само на одредени региони, како што се трепките на надворешниот агол на окото или долните трепки.