Ако сте една од оние жени кои ниту еден мејкап изглед не го сметаат целосен без парфем, сигурно сте во потрага по некој посебен мирис што ќе ги обележи претстојните постудени денови. Лесните и воздушести летни мирисни ноти сега можат да се остават зад себе и тие да ослободат простор за поинтензивни парфеми кои ќе останат на кожата цел ден.
Некои од најубавите парфеми за новата сезона ви ги претставив овде, но покрај нив вреди да се спомнат и посветат неколку линии на новите верзии на култните и добро познати парфеми, чие време доаѓа.
L’Interdit Givenchy
Givenchy оваа есен има една навистина возбудлива мирисна приказна. Станува збор за нова верзија на парфемот L’Interdit на брендот Givenchy од 1957 година, кој пак беше омилен парфем на познатата холивудска актерка Audrey Hepburn (Одри Хепберн). За неа беше дизајниран од Hubert de Givenchy и го нарече L’Interdit, односно во превод – забранет. Забранет / забрането, бидејќи тоа на својот пријател Hubert го кажала Audrey, кога и спомнал дека нејзиниот омилен мирис ќе го пушти во продажба.
Првата мирисна верзија на оригиналот беше направена во 1993 година, втората во 2003 година, а третата ни доаѓа во продажба оваа есен, како посвета на женската убавина.
Белите цветови во композицијата се во контраст со мрачни мирисни акорди, при што белите ноти се од цвет на портокал, јасмин и тубероза, кои се испреплетени со мрачни и мистериозни ноти на ветивер и пачули.
Chanel No. 5 Eau de Parfum
Иако нема промена во композицијата на парфемот, Chanel No. 5 оваа есен се појавува во сосема ново руво кое ни дава доволна причина за возбуда. Досегашните три No. 5 парфемски изданија: No. 5 L’EAU Eau de Toilette и No. 5 Eau de Parfum и оригиналниот No. 5 Parfum се обединети во уникатна и лимитирана колекција во црвени стаклени шишенца кои ќе бидат навистина посебен детаљ на полицата во бањата, но како и прекрасен подарок.
Gucci Bloom Nettare di Fiori
Иако не е толку долговечен како Givenchy L’Interdit и Chanel No. 5 парфемите, мирисите од парфемското семејството Gucci Bloom се вистински бестселери на модерното време и не е изненадување што брендот се одлучува за нови изданија и нови продолженија на Bloom мирисната приказна.
Nettare di Fiori е најновиот и нè потсетува на сè што го сакаме кај Gucci Bloom мирисите, но овој е дрвенест, сензуален и нешто повеќе мрачен. На оригиналната мирисна композиција додадени се: ѓумбир, роза, пачули и овошен османтус.