Веѓите дефинитивно се во центарот на вниманието изминатите неколку години – скоро ниту една жена не носи целосно природни веѓи, бидејќи секогаш може да се направи да изгледаат подобро! Тие го обликуваат лицето и создаваат хармонија и рамнотежа. Затоа секоја жена има понекој трик во ракавот за да ги направи своите веѓи уште поубави! Ви откривам еден трик што сигурно не сте го знаеле, што прави голема разлика во изгледот на лицето!
Веѓите во центарот на вниманието!
Дали знаете дека ако само малку ги приближите веѓите, неколкуте милиметри можат да направат голема разлика во комплетниот изглед на вашето лице? Некои од вас можеби тоа го прават, пополнувајќи ги веѓите на самиот почеток, но ретко овој трик се споменува. Секогаш се фокусираме на обликот на веѓите, неговиот лак и крај, но на почетокот и близина на веѓите никогаш не обрнуваме големо внимание.
Ако сакате да го контурирате носот за да изгледа потенок, тогаш ќе ве израдува веста дека ако само ги приближите веѓите, самиот нос ќе изгледа потенок!
Чекор по чекор како да ги приближите веѓите:
#1 Секогаш користете малку посветла нијанса на моливчето за веѓи за самиот почеток на веѓите и потемна нијанса за средината и самиот крај. Ова создава димензија на веѓите за да не изгледаат рамно!
#2 Многу е веројатно дека вашите веѓи не започнуваат на истото место, па можеби ќе треба само една веѓа да приближите, односно само малку да ја пополните од напред.
#3 Може да користите било кој производ за веѓи – од пудра, преку сенка, до молив за веѓи.
#4 Кога ги приближувате веѓите една кон друга, започнете постепено и додавајте полека! Дефинитивно нема да сакате премногу да ги доближите. Основно правило е да земете мејкап четка за очи и да ја држите вертикално, потпирајќи ја на ноздрвата за да измерите каде треба да започнат вашите идеални веѓи.
#5 Кога ќе завршивте со пополнување на веѓите, оддалечете се од огледалото и погледнете ја поголемата слика на вашиот изглед. Со мало огледало тоа нема да го видите! Само кога ќе го видите целото лице во огледало, ќе знаете дали вашите веѓи навистина се избалансирани и рамномерни.