Ако воопшто ги следите мејкап трендовите сигурно сте слушнале дека во последниве неколку сезони „no make-up make-up“ стилот е во фокусот на шминкањето! Значи, не сакаме шминката да се гледа од авион, туку да бидеме суптилно нашминкани така што нашата кожа ќе изгледа потполно природно како да немаме шминка. Постигнувањето на овој мејкап изглед е предизвик – знаеме дека не е лесно да се постигне „шминката да не е видлива“. Затоа, ви носам брз „no make-up make-up“ туториал, чекор по чекор!
Суптилна „no make-up make-up“ шминка!
#1 Добро подгответе ја кожата!
Клучот на „no make-up make-up“ шминката е во совршена подготовка на кожата. Шминкерите советуваат кожата максимално добро да ја хидрирате што е можно повеќе. Започнете со навлажнувачки крем за лице и крем за очи, а потоа нанесете прајмер, кој ќе ви даде совршено „платно“ за понатамошно шминкање.
#2 Пудра нанесете само на критичните места!
Наместо да нанесувате течна пудра на целото лице, кај „no make-up make-up“ шминкањето важно е да ги прикриете само критичните области на лицето користејќи го „spot“ методот. Користете пуфнаста четка за сенка за да ја втриете пудрата или коректорот на сите оние места каде имате депигментација, мозолчиња или дамки за да го изедначете тенот. Помалку е подобро – затоа користете помалку од половина зрно грашок на пудра за „spot“ покривањето.
#3 Очите нека бидат нашминкани со потопли бои!
„No make-up make-up“ стилот на шминкање вклучува суптилно нашминкани очи во топли бои. Користете молив за веѓи за да им дадете димензија и држете се на нуд или кафеави нијанси. Земете топла нијанса на кафеава сенка и изблендирајте ја на надворешните агли од очите и под долната линија на трепките и сè завршете со слој од кафеава маскара!
#4 Суптилно нашминкајте ги образите!
За суптилна дефиниција на лицето нанесете нијанса за контурирање под образите, на челото и линијата на вилицата. Додадете малку бронзер на местата каде сонцето природно би ги осветлило и додадете малку руменило. Трик за „no make-up make-up“ е да користите кремасто руменило, затоа што тоа му дава природна румена боја додека се топи на кожата.
#5 Завршете ја шминката со сјај за усни!
За да го завршите мејкап изгледот на усните нанесете нежно обоен сјај во нуд боја. Клучот е да го погодите подтонот на сјајот со цел совршено да одговара на вашата кожа. Може да одберете сјај со нежни светки.
Како ви се допаѓа „no make-up make-up“ изгледот? Дали сте природна или „full glam make-up“ девојка?