Сигурно досега се имате сретнато со мејкап техниката од пред 6-7 години наречена контурирање. Во тие години, контурирањето беше интензивно и многу видливо! Сега работите многу се променија – контурирањето е едвај видливо, суптилно, а многу е ефектно! Затоа во продолжение ви нудам неколку совети за нежно, секојдневно контурирање на лицето, што ќе ги потенцира вашите црти и целосно е прилагодено за секое време од денот!
Која е целта на контурирањето?
Целата поента на контурирањето на лицето е да се потенцира или менува обликот на лицето, со помош на шминка. Од 2012 до 2018 година, контурирањето беше многу важен чекор во шминкањето. Но, денес – помалку е повеќе и затоа го прифативме здравиот изглед на кожата. Стариот начин на контурирање и осветлување се засноваше на промена на обликот на лицето. Сега контурирањето значи прифаќање на природниот облик на лицето и постигнување реална длабочина и димензија.
Разлика: бронзер или пудра за контурирање!
Веројатно мислите дека бронзерите и пудрите за контурирање се иста работа – но грешите! Производот за контурирање СЕКОГАШ е со мат финиш и обично е со поладен подтон, бидејќи ја имитира природната сенка што паѓа врз лицето. Природната сенка нема светки, така што и пудрата за контурирање не содржи светки. Кога користите бронзер, замислете ја сончевата светлина, а не сенката. Целта на користењето на бронзерот е да се создаде илузија на потопол тен, таму каде што сонцето би ја осветлило кожата.
Контура пред или после пудра?
Како што се смени концептот на контурирање, така се смени и редоследот на нанесување. Порано стававте течна пудра, а преку пудрата ја блендиравте контурата и хајлајтерот. Но, сега професионалните шминкери ве советуваат прво да изблендирате кремаст или течен хајлајтер на образите, а потоа да нанесете течна пудра и целиот мејкап изглед да го завршите со контури за дополнителна димензија.
Звучи чудно – но има смисла! Со нанесувањето на течна пудра преку хајлајтер, ќе добиете ефект на видлива текстура на кожата, наместо да ја гледате линијата на хајлајтерот. Вашата кожа ќе изгледа природно сјајна, а сето тоа благодарение на хајлајтерот под пудрата.
Што ви треба за контурирање?
За совршени природни контури, ќе ви треба производ за контурирање кој е за околу 3 нијанси потемен од вашиот тен, но мора да биде со ист подтон како вашата кожа. Ако вашата кожа има ладен подтон, изберете поладни кафеаво-сиви нијанси, односно изберете потопли црвеникаво-кафени тонови ако имате топол подтон.
Потоа, одлучете се за текстура во прав или производ со крем текстура. Имајте го на ум типот и текстурата на кожата при изборот на формула. Ако имате сува кожа, или вашата шминка се вовлекува во фините линии, изберете кремасти контури. За да може течните или крем производи да се стопат со кожата, користете ја топлината од вашите раце или користете мејкап сунѓер за блендирање на производот.
Ако имате мрсен тип на кожа, или сакате мат финиш, користете производи во прав. Треба добро да ги изблендирате со четка, за сè да изгледа природно.
На кои места на лицето нанесувате контури?
Кога нанесувате течна пудра над течниот хајлајтер, лицето ќе изгледа рамно и безлично. Затоа додадете контура таму каде што сакате да ги потенцирате линиите на лицето. Започнете со делот под образите, потоа околу линијата на косата и под коската на долната вилица, за да го дефинирате лицето. Додадете малку контура и на страните од носот и добро изблендирајте со мала четка.
Контурирање за секојдневен изглед: step by step
Чекор 1: Подгответе ја кожата со крем и прајмер,
Чекор 2: Нанесете кремаст хајлајтер на образите, по должината на носот, на коската под веѓите и на внатрешните агли од очите,
Чекор 3: Измешајте ја течната пудра со малку масло за нега на лице за да ја разредете и нанесете го овој микс на кожата со влажен сунѓер за блендирање.
Чекор 4: За да го контурирате лицето, следете ги природните сенки на лицето. Додадете пудра за контурирање под образите, долж коската на вилицата и долж линијата на косата. Изблендирајте сè добро.
Чекор 5: Фиксирајте ја Т-зоната со пудра за фиксирање и потоа испрскајте го лицето со фиксатор, за да ја поврзете целата шминка.