Се поздравуваме од долгите – летни денови, но сепак есента секогаш е возбудлива со многуте новини и трендови што ги носи, а најголемите трендови беа претставени пред неколку месеци на модните писти на Светската недела на модата. Ги издвоив најдобрите трендови за кои верувам дека секоја зависничка од убавина успешно ќе ги вклопи во секојдневните мејкап изданија, бидејќи новите трендови се одличен спој со класичните трендови.
Мат црвен кармин!
Наместо класични кармини со сјај, одлучете се за мат и кадифени нијанси на црвениот кармин, кои совршено ќе се вклопат во минималистичките мејкап изгледи. Црвениот кармин е моќен сам по себе, а мат финишот ќе ја додаде потребната разлика од класиката.
Руменило!
Брендот Chanel го претстави еден од најголемите трендови оваа сезона – акцент на природната убавина која е надополнета со руменило. Најчестиот избор е розово руменило, кое се комбинира со розови усни и лесна сенка во иста боја, што кажува дека трендот на монохроматска шминка сè уште е актуелен.
Smokey eyes во нуд нијанси!
Брендот Tom Ford го врати skokey eyes мејкап ефектот на мапата за убавина на Светската модна недела, така што уште еден класичен мејкап изглед доби епитет на тренд оваа сезона. Сепак, smokey eyes во секојдневниот живот никогаш не беше на маргините на убавината, а претставува омилен избор за елегантни прилики и дамите го обожаваат затоа што прекрасно ги истакнува очите и создава wow ефект.
Сјај за усни!
Иако сјајните усни беа огромен тренд на почетокот на овој милениум, долго време ги избегнувавме поради лепливите формули. Сепак, индустријата за козметика еволуираше и сега формулите што ги нудат познатите брендови се толку софистицирани, така што истовремено ги хидрираат усните, оставајќи убав, сјаен ефект на нив. Ме весели враќањето на сјајот, бидејќи е идеална секојдневна замена за класичните кармини и може да биде одличен додаток за постигнување на полни усни.
Допир на неонски бои!
Неонските бои можеби не се стандарден избор за секој ден, но зошто класичниот туш за очи во некои прилики да не го замените со неонски нијанси? Изгледа навистина откачено и претставува одличен бег од класичните мејкап изгледи што сме навикнати да ги гледаме на Instagram, но и во реалниот живот.