Емили во Париз (Emily in Paris) веќе стана традиција. Третата сезона е меѓу најгледаните содржини на Нетфликс, иако заплетот речиси се повторува во сите сезони. Секако, не очекуваме серијата да има некакви диви заплети или да биде ремек дело. Она што го очекуваме се впечатливи модни комбинации, како и бјути изгледи кои сакаме да ги копираме.
За среќа, Емили во Париз не потфрли во овој поглед ниту во третата сезона. Навистина видовме грст комбинации, фризури и шминка. Сепак, еден изглед кој особено се истакна беше оној што Емили го носи на ревијата на дизајнерот Пјер Кадо (Pierre Cadot). Овде гледаме дека стилот на Емили еволуираше и во овие сцени таа навистина зрачи со париски шик. Таа има бебешки шишки, пунџа и темен кармин кој одлично и прилега.
Карминот во боја на вино е хит!
Карминот во боја на вино е еден од оние за кои бјути експертите најавија дека ќе биде хит. Благодарение на серијата Емили во Париз (Emily in Paris), популарноста на оваа нијанса стана вирална. Таа темна нијанса е совршена дефиниција за парискиот шик. Со неа без никаков напор ќе изгледате тренди исто како парижанките. Тие секогаш изгледаат совршено и речиси никогаш не изгледаат како премногу да се потрудиле за нивниот изглед.
Трикот е во производите што ги користат!
Станува збор за маскара која ќе ги нагласи очите и трепките или кармин кој ќе ги нагласи усните. Овој пат се концентрираме на карминот! Секако, за секојдневен изглед сепак ќе избереме нешто понежна нијанса, но за вечерен изглед ќе ги избереме овие потемни кармини.
Посебно сакаме темни кармини, бидејќи со нив забите изгледаат екстра бели. Овој тип на кармин треба да се нанесува како црвените кармини. Затоа, усните прво треба да се исцртаат со молив за усни за карминот да не навлезе во фините линии околу усните. Најдобар избор за оваа боја е мат варијанта на кармин, кој е долготраен и не се симнува лесно. За комплетен изглед каков што го носи Емили, додајте малку боја на образите, со туш извлечете тенка црна линија и нагласете ги трепките.