Кога зборуваме за класични, безвременски брендови на парфеми, не постои начин да го заобиколиме Guerlain. Овој француски бренд е еден од најстарите и најценетите парфемски куќи во светот, а преку својата богата историја има создадено некои од најпознатите мириси во светот.
Брендот Guerlain е основан од парфимерот Pierre-François Pascal Guerlain уште во 1828 година во Париз, а до 1994 година беше во сопственост на семејството Guerlain. Тогаш стана дел од францускиот конгломерат LVMH (Moët Hennessy Louis Vuitton), а денес најрепрезентативната продавница на овoj бренд е онаа во Париз на Шанзелизе.
Некои парфеми од славниот бренд датираат од дваесеттите години на минатиот век, додека некои се многу понови, но имаат нешто заедничко – популарноста на Guerlain мирисите не стивнува дури и цел век по нивното појавување.
За вас ги издвоив топ 5 парфемите од Guerlain, кои често се наоѓаат на листите на најдобри парфеми во светот.
Shalimar Eau de Parfum
Shalimar е еден од најпознатите, најстарите и најпродаваните парфеми на Guerlain. Создаден уште во 1925 година, претставува еден вид заштитен знак на брендот и често се опишува како прв ориентален парфем во историјата.
Инспириран од романтичната приказна за индискиот император Shah Jahanu, кој толку многу се заљубил во принцезата Mumtaz Mahal што за неа ги создал градините Shalimar, денес позната персиска знаменитост што го краси Lahore во Пакистан, а по нејзината смрт го создаде познатиот Taj Mahal како нејзин гроб. Волшебниот ориентален парфем е љубовна приказна која трае со векови, а се карактеризира со интензивни ноти на јасмин, роза, ванила и тонка грав.
Mitsouko Eau de Parfum
Уште еден пионер во светот на парфемите е Mitsouko Eau de Parfum создаден во 1919 година. Тој е првиот овошен – chypre парфем.
Парфемот Mitsouko го носи името по јапонската хероина од романот „La Bataille“, а дамите ширум светот го обожаваат поради неговата исклучителна комбинација на ноти на праска, јасмин и роза со додавање на силна дрвенеста и зачинска арома.
Insolence Eau de Parfum
Insolence е уште еден голем хит од редовите на Guerlain парфемите. Се работи за овошно-цветен мирис кој ги комбинира љубичицата и ирисот во горните ноти и пудрести нијанси во основата. Ванилата и бобинките му даваат модерна, свежа нота и исклучителна доза на женственост.
Парфемот е создаден во 2008 година од Sylvaine Delacourte и Maurice Roucel, а темното и заводливо шише совршено го претставува силниот и опоен мирис содржан во него.
Mon Guerlain Eau de Parfum
Создаден во 2017 година, Mon Guerlain веќе стана еден од најомилените парфеми во историјата. Тоа е свеж ориентален парфем кој не се среќава често во парфимериите помеѓу другите мириси.
Комбинацијата од ванила, дрвенести ноти, лаванда и зачини му дава доза на авантура, храброст и неочекувана свежина, поради што го сакаат дамите од сите возрасти. Angelina Jolie беше избрана како персонификација на парфемот Mon Guerlain.
Во горните ноти на парфемот издишува лаванда и бергамот, во срцето доминира ирис, јасмин и роза, додека во основата на парфемот се крие лаванда, сандалово дрво и пачули.
Oud Essentiel Eau de Parfum
Уште еден парфем од Guerlain претставен во 2017 година заслужи место на листата на најдобри мириси на овој бренд. Станува збор за парфемот Les Absolus d’Orient Oud Essentiel кој е претставен како унисекс мирис.
Овој ориентално-дрвенест мирис е создаден од парфимерот Thierry Wasser и за него има добиено безброј пофалби и признанија.
Парфемот е препознатлив по навистина уникатната комбинација на ароми. Првата нота воедно му е најпрепознатлива – oud по што го доби и своето име. Тоа е волшебна миризлива смола од која се прави најскапото есенцијално масло во светот, чија цена е поголема од цената на златото. Оваа арома е високо ценета низ источните земји, каде се нарекува и „мирис на рајот“, „течно злато“, „мирис на нирвана“…
Во исто време комплексен, опоен и елегантен, овој мирис е сладок, цветен, но и дрвенест. Парфемот Oud Essential содржи ноти на зачини, кожа, роза, килибар, шафран и свежи билки.