Двајца браќа, пред четиристотини години, во Келн дојдоа до револуционерна идеја. Базата од масло која дотогаш беше вообичаена во производството на парфеми, ја заменаа со алкохол што сè уште се користи денес. Парфемската база од масло не беше практична, бидејќи парфемот се менувал и немал стабилна структура.
Така се родил првиот парфем во модерната смисла – мешавина од бергамот, лимон, петигрин, лаванда и рузмарин. Бидејќи француското име на Келн е Cologne, неговото име остана засекогаш запаметено во индустријата за парфеми како Eau de Cologne. Оттогаш, до денес популарноста на мирисите со цитрусни ароми не се намали.
Етеричните маслата од бергамот, лимон, портокал, мандарина и грејпфрут се добиваат со пресување, односно со цедење на кората на овошјето. Вака се добиваат есенции со остар, продорен мирис кој потсетува на море и сонце.
Бергамот – најпопуларна суровини за правење на парфеми!
Бергамот е една од најпопуларните суровини за правење на парфеми. Ова мало дрво, именувано по градот Бергамо во Италија, се одгледува исклучиво за производство на мирисливо есенцијално масло кое доминира во многу женски и машки парфеми.
Ароматерапевтите тврдат дека аромата на бергамот е од голема помош на луѓето кои не ги интересира животот и на сите што немаат доволно самодоверба. Неговата свежа цитрусна арома со благ флорален допир добро се комбинира со скоро сите мириси, а особено со сандалово дрво, лаванда, јасмин и гарденија. Токму со оваа есенција е зачинет славниот Ерл Греј чај.
Портокал – се добиваат три есенции со сосема различни ноти!
Портокалот е еден од најкористените мириси, бидејќи од ова дрво кое од Кина во Медитеранот пристигна во осумнаесеттиот век, се добиваат три есенции со сосема различни композиции и ноти.
Од кората со пресување се добива масло кое мириса на зрел портокал и ја буди животната радост. Од лисјата и сè уште незрелите плодови со дестилација на пареа се добива масло, кое ароматолозите го нарекуваат петигрин. Карактеристичната и чиста арома на ова масло се додава во парфемите за да се освежи композицијата. Обично се комбинира со гераниум, бибер и бор.
Од цветовите од портокал се добива скапоцено нероли масло, кое го носи името на војвотката од Нероли. Тоа е едно од најскапите есенцијални масла, покрај јасминот, розата и ирисот, односно еден литар чини околу десет илјади евра. Неговата деликатна, сензуална и нежно цветна нота се наоѓа во срцето на некои од најпознатите женски парфеми, кои својот успех веројатно го должат на афродизијачките својства на неролито.
Мандарина – освојува со слаткиот и свеж мирис!
Мандарината е уште едно масло од семејството на цитруси кое се повеќе освојува со слаткиот и свеж мирис. На посебен глас е маслото добиено од бразилската мандарина. Во комбинација со анасон, јасмин и ванила, дава сензуална комбинација која е обожавана од некои познати заводници.
Креаторот Jean Paul Gaultier го избра овој мирис како доминантна црта на неговиот прв женски парфем, кој постигна голем успех. Кога се меша со кедар, лаванда и пачули, се добива мажествен мирис, а во бленд со камилица често е состојка за парфемите за најмладите.
Грејпфрут – за оние кои сакаат да изненадат!
За сите оние на кои нотата од лимон е премногу силна и директна, постои грејпфрут, мирис за кој експертите велат дека најдобро ги елиминира мрачните мисли и го враќа доброто расположение. Грејпфрутот настанал со вкрстување на портокал и лимон и ја задржа чистотата и јасноста на лимонот, но и слаткиот и зрел мирис на портокал. Одлично се меша со ylang-ylang, маточина, сандалово дрво и лаванда, а особено интересна е комбинацијата со ѓумбир, бидејќи е идеална за оние кои сакаат да изненадат, па зошто и да не шокираат!
Цитрусните ноти на композицијата даваат интригантност и ненаметлив шарм!
Кога некој се определува за парфем во кој доминираат цитрусните ноти, тогаш тоа сведочи за класичниот стил на личноста која веројатно има префинето чувство за хумор. Неговата острина ги потенцира другите миризливи компоненти и на целата мирисна композиција му дава нота на интригантност и ненаметлив шарм.