Маникирот е едно од наједноставните задоволства во животот на секоја жена. Без разлика дали станува збор за одење во салон или изработка на домашен маникир, тој секогаш опушта, а конечниот резултат не прави неизмерно среќни. Низ годините се појавија разни митови за ноктите, поточно за тоа дали нешто е безбедно или добро за нив или не. Најчестите прашања се: „Дали гелот и трајниот лак се штетни за ноктите?“, или „Дали на нашите нокти им треба време да „дишат“ помеѓу два маникири?“.
Сите сакаме силни и убави нокти, но индустријата за убавина е полна со разни совети. Не секој совет што го добиваме е корисен, бидејќи тие честопати се базираат на митови, а не на вистински факти. Затоа во продолжение ви носам пет митови кои најчесто можете да ги слушнете, а во кои не треба да верувате!
Мит: Мора да ги оставите ноктите да „дишат“ помеѓу два маникири!
Кога ќе го земете во предвид фактот дека поголем дел од ноктната плоча е нежив, затоа ноктите не мора да „дишат“. Тие ги добиваат своите хранливи материи, кислород и снабдување со крв од крвотокот, а не од воздухот. Кога експертите за нокти велат дека на ноктите треба да им се дозволи да „дишат“, тоа всушност значи дека е неопходно да се направи пауза со лак за нокти и средство за отстранување на лак за да се опорават сувите, кршливи или оштетени нокти.
Мит: Студената вода може побрзо да го исуши лакот!
Ако тоа беше случај, експертите за нокти ќе го правеа тоа во салон. Намалувањето на температурата всушност го забавува испарувањето на растворувачот во лакот, а со тоа и неговото сушење. Ледената вода може да го згусне лакот, па се чини дека се суши побрзо, но единствениот начин на кој можете да го исушите лакот е да чекате трпеливо. Поверојатно е да видите вдлабнатини на вашиот лак ако го испробате методот со вода со мраз, бидејќи дури и да се исуши одозгора, нема да се исуши под површината.
Мит: Гелот за нокти и трајниот лак можат да ги оштетат вашите нокти!
Експертите се согласуваат дека геловите за нокти и трајните лакови не ги оштетуваат ноктите. Од друга страна, нивното отстранување може да создаде проблеми. Прекумерното турпијање може сериозно да ја оштети ноктната плоча со што значително се ослабува ноктот. Покрај тоа, натопувањето на вашите нокти со средство за отстранување на лак е исто така лоша вест за здрави нокти, бидејќи може да ги исуши, што ги прави кршливи и повеќе склони кон пукање.
Мит: Пиењето млеко ќе ги отстрани белите дамки на вашите нокти!
Пред да се загрижите дека вашето тело има недостаток на калциум, многу поверојатно е дека белите дамки на вашите нокти се предизвикани од лак за нокти. Тоа се површни со бели дамки кои се формираат по отстранување на лакот за нокти што долго време е на ноктот. Она што се случува е несаканото отстранување на површинските клетки на ноктот заедно со лакот, оставајќи бели дамки на површината. Тие честопати можат нежно да се отстранат, а ако ви изгледа дека се подлабоко во вашиот нокт, најверојатно е поврзано со грубото отстранување на лакот. Тогаш тие не можат да се отстранат, туку мора да пораснат.
Мит: Ноктите треба да ги турпијате во една насока!
Сигурно сте слушнале милион пати дека ноктите треба да ги турпијате во една насока. Но, во тестот спроведен од Doug Schoon, научник и автор на Nail Structure and Product Chemistry, тој не забележал никакви разлики во состојбата на ноктната плоча кога се турпија само во една насока и кога се турпија лево-десно. Меѓутоа, она што е важно е типот на турпијата која не треба да биде премногу рапава, а притисокот што го вршите врз ноктот не треба да биде премногу силен.