- Реклама -

- Реклама -

- Реклама -

- Реклама -

Купувањето на мејкап производи може да биде поопасна авантура отколку што можете да си замислите. Не е исто ако некој ви „подметне“ фалсификувана Loius Vuitton торба или „лажна“ течна пудра од професионален бренд. Кога станува збор за копии на популарна шминка, опасноста демне од состојките и условите во кои се прават овие мејкап производи. Анализирајќи ја запленетата „fake“ шминка, светските научници наидоа на бројни токсични и опасни состојки, кои никако не смеат да се најдат во производи што се користат на кожа, бидејќи претставуваат опасност по здравјето!

Зошто купуваме „fake“?

Со растот на пазарот за козметика, се зголеми и нелегалната индустрија на „fake“ шминка, односно нелегални копии на познати брендови. Како што потрошувачите стануваат поудобни со купување преку Интернет, така и продавачите на „fake“ шминка го проширија својот бизнис. Оваа „црна“ индустрија се повеќе се модернизира и усовршува, така што во некои случаи навистина е тешко да се препознае разлика помеѓу копијата и оригиналот.

Трендот на продажба на копии од шминка станува сè поголем и поочигледен, а сигурно секојдневно наидувате на многу добри понуди за шминка од непознати страници на Инстаграм, кои ве убедуваат дека нивните мејкап производи се оригинални, но по супер прифатлививи цени. Најважниот аспект на продажбата и користењето на овој вид на шминка секако е здравствениот ризик.

Безбедноста на копиите!

Во зависност од видот на „fake“производот за шминка, лабораториските анализи на светските експерти откриле цел спектар на токсични состојки, кои на формулата и даваат одредена боја, конзистентност, текстура и го прават производот визуелно привлечен. Честопати, во тој микс не се додава намерно одредена токсична состојка, туку таа настанува како нуспроизвод од мешањето на повеќе различни хемикалии.

- Реклама -

Производителите на лажна шминка (претежно од Кина) немаат причина да гарантираат безбедност и ретко го тестираат финалниот производ, затоа што не мораат да ги почитуваат здравствените регулативи или да добијат соодветни сертификати за исправност.

Во продолжение ви ги потенцирам некои од токсичните состојки кои се наоѓаат во „fake“ шминката, само за да имате на ум што потенцијално нанесувате на вашата кожа и со тоа го загрозувате вашето здравје.

#1 Олово

Една од најчестите токсични состојки што се наоѓа во „fake“ мејкап производите – често се наоѓа во количина што се 5-19 пати поголеми од дозволената! Здравствените ефекти од оваа количина на олово се труење на органите како што се бубрезите, црниот дроб, сетилните органи и кардиоваскуларниот систем, како и проблеми со репродуктивниот систем.

#2 Арсен

Оваа опасна состојка се појавува како знак на загадување од други состојки, ако веќе не е додаден самостојно. Арсенот се користеше како редовна козметичка состојка во 19 век. Здравствените ризици се труење на органите и биоакумулација – односно акумулација на арсен во организмот. Посебен ризик од труење со арсен се однесува на бремените жени и доилки.

#3 Бакар

Токсична и штетна состојка, која се таложи во организмот и прави другите хемикалии подобро да се апсорбираат во кожата.

#4 Жива

Живата е исклучителен отров, што доведува до труење на нервниот, имунолошкиот и респираторниот систем. Живата посебно е опасна за време на развојот на фетусот и лесно се апсорбира преку кожата.

#5 Тешки метали

Берилиум, кадмиум, алуминиум се вообичаени „жители“ на лажната шминка. Здравствените нарушувања што ги создаваат се различни: репродуктивни проблеми, токсичност на имунолошкиот и нервниот систем, потенцијална канцерогеност. Покрај тоа, кадмиумот спречува апсорпција на минерали што се важни за организмот, како што се калциум, железо и цинк.

#6 Бактерии

Верувале или не, во „fake“ шминката можете да најдете различни видови на бактерии, кои предизвикуваат инфекции, осип и алергиски реакции. Најчеста бактерија која се наоѓа во копиите е Escherichia coli, која предизвикува дијареја, проблеми со бубрезите и анемија.

#7 Животински измет

Ова е вознемирувачки пример за нехигиенските услови во кои се произведува „fake“ шминката.

#8 Цијанид

Оваа токсична состојка е пронајдена во „fake“ формулите за шминка, а најтоксична е при вдишување.

#9 Разредувач на бои

Одреден вид разредувачи на боја се наоѓа во формулите на „fake“ маскарите и може да предизвика сериозни реакции на кожата, вклучувајќи оток на очите и потенцијално долгорочно оштетување на очите.

Како да се заштитите од „fake“ шминката?

Светот на онлајн купување на шминка може да биде вистинска земја на чудата, но навистина ве советувам да се придржувате до доверливи страници и продавници, како и до официјалните дистрибутери на светските (поскапи) брендови на шминка. Пазете се од шминка што се продава во продавниците за кинески производи, како и на социјалните мрежи. Секој производ за шминка мора да има јасно видлива декларација и датум на траење, како и листа на состојки.

Доколку не можете да си дозволите светски познат бренд на пудра или кармин, подобро е да купите нешто слично во вашата омилена парфимерија, за помалку пари, отколку да наседнете на копија на позната марка, која ветува само 1/3 од цената од оригиналниот производ, но со токсични состојки!