Малку продолжената линија со туш за очи надвор од рамката на очите, позната како „cat eye“ е една од најпопуларните и најстарите мејкап техники.
Историјата на мачкастата линија е многу долга и тешко е да се сведе на само неколку реченици. Иако овој мејкап изглед беше присутен на модните недели на ревиите на Dior, Valentino и Chloé, неговите почетоци треба да се бараат многу порано – во древниот Египет.
Линија со туш за очи низ историјата!
Бистата на кралицата Nefertiti, за која се верува дека потекнува од 14 век п.н.е. ја претставува некогаш најубавата жена на светот со токму таков изглед, а наводно таквиот изглед го обожавала кралицата Cleopatra. Таа користела бакарна руда или зелен минерал малахит за да повлече линија надвор од рамката на очите, а изгледот бил популарен и кај мажите, односно фараоните кои исто така се украсувале на овој начин.
Покрај овие минерали, се користел и kayal – црн прав кој имал лековити својства, со што се штитело здравјето на оние кои го нанесувале околу очите. Освен Египќаните, го користеле и народите во Азија и на Блискиот исток 3000 години п.н.е.
„Жените со векови нанесуваа kayal околу очите за да се заштитат од злите духови. Како и многу други работи и оваа практика се претворила во начин на изразување на социјалниот статус, за подоцна да стане симбол на убавината и негувањето на жените и мажите од сите слоеви на општеството“, вели Rachel Goodwin, мејкап артист и коосновач на Музејот за шминка во New York.
Модерните времиња донесоа драматична шминка!
Во модерните времиња, cat eye шминката во светот на убавината беше воведена од забавувачката Josephine Baker во дваесеттите години на минатиот век. Го носеле и други актерки, како што се Grete Nissen и Louise Brooks. Трендот на мачкасти очи се комбинираше со многу тенки веѓи со висок лак, со интензивен кармин и молив за усни и кратка коса кај жените. Всушност, шминката беше многу драматична. Со појавата на првите филмови за пошироката публика, жените започнаа сè повеќе да се шминкаат и во слободното време. Тогаш тушот за очи се правел со мешање на саѓи и вазелин.
Нешто помалку драматичен изглед се носеше во 50-тите и 60-тите години, но сепак со линија направена нагоре. Мачкастиот изглед го популаризираја холивудските ѕвезди како Sophia Loren, Marilyn Monroe, Audrey Hepburn и Brigitte Bardot, а најголем впечаток остави Elizabeth Taylor во улогата на кралицата Cleopatra во истоимениот филмски хит од 1963 година.
Почеток на масовно производство на мејкап производи!
Ѕвездите го носеа овој мејкап изглед и во секојдневниот живот, а 50-тите години донесоа масовно производство и комерцијализација на индустријата за козметика и шминка. Тогаш беше измислен течниот туш, што беше револуционерно откритие во тој период. Манекенката Pattie Boyd напиша колумна за американското списание „16“ во 1965 година за тоа како да се усоврши cat eye изгледот со помош на туш за очи.
Мачкаст изглед носеше и најпознатата манекенка од 60-тите години – Twiggy, а мачкастите очи најдоа обожаватели и во музичката индустрија. David Bowie го користеше во сите бои, особено во времето на албумот Ziggy Stardust, но и подоцна. Рок и панк движењата го прифатија овој тренд и дополнително го издигнаа на повисоко ниво. Панкерката Siouxsie Sioux ги обожаваше острите линии на тушот, а очите дополнително ги истакнуваше со темна сенка, исто како и Robert Smith од групата The Cure. Мачкасти очи носеше и Grace Jones, како и Debbie Harry од Blondie.
Во новиот милениум, можеби најпозната по нејзините изразени мачкасти очи беше Amy Winehouse, чија дебела линија излегуваше надвор од рамките на очите, нагоре.
Мачкастиот изглед во новиот милениум го носат сите!
Малку посуптилен потег со тушот за очи во комбинација со црвен кармин е ултимативен ретро мејкап изглед кој одговара во сите ситуации, од секојдневни до вечерни. Го носат сите, од алтернативци до елегантни дами, затоа што со мачкастите очи нема грешка – секако ако знаете како правилно да ги изведувате и ако доволно сте се испраксирале – секогаш ќе изгледате совршено елегантно, а ако повлечете уште некоја линија или додадете боја, ќе изгледате авангардно.