Во текот на последниве 10 години индустријата за убавина буквално експлодираше, а за тоа најмногу допринесоа социјалните мрежи и влијателните инфлуенсери. Некои трендови останаа долго време на мејкап сцената, некои повторно се вратија, а некои беа со толку краток здив што воопшто не ги запомнивме.
Настрана од фактот дека во 2020 година ќе влеземе со многу мејкап новитети, сепак ќе мора да се збогуваме со некои од стиловите што ја одбележаа претходната година.
Екстремно хајлајтирање на јаболчиците – bye, bye!
Овој тренд на мејкап сцената е еден од најраспространетите долги години и иако сме навикнати на екстремно светкави јаболчици и носови, екстремното хајлајтирање дефинитивно ќе оди во заборав. Супер сјајниот хајлајтер изгледа добро на професионални слики, на црвениот тепих и на модните ревии, но не и во реалниот живот. Напротив, на обична светлина ќе изгледате апсолутно претерано. Во 2020 година, нема да го пренесеме ниту „тешкото“ контурирање. Ќе изгледате 10 пати подобро ако на лицето суптилно нанесете само малку магичен бронзер.
Што блескавме, блескавме, веќе е доста!
Светки гледаме во скоро секој производ за шминка – од сенки, кармин, преку тушеви за очи, па сè до маски за лице. На сите ни е познато колку тешко светките се отстрануваат од лицето и затоа треба да се минимизира нивната употреба.
„Инстаграм веѓи“ – стоп!
Според експертите за шминка, времето на Инстаграм веѓи, ефект на засенчување со гел и поигрувањето со светли и темни нијанси заврши. Не само што овие веѓи изгледаа вештачки и лажни, туку бараа и многу внимание и одржување. Секако, тоа не значи дека во 2020 година нема да продолжиме да се грижиме за веѓите, но тоа ќе го правиме на многу поприроден начин.
Металик кармини!
Сите тие високо сјајни нијанси, ќе бидат премногу смели и затоа ќе бидат непримерни во светот на убавината оваа година, барем кога станува збор за секојдневната шминка на обичните луѓе.
Кафени кармини!
Иако во 2019 година доживеа камбек, овој тренд дефинитивно беше краткотраен, особено верзијата од 90-тите години кога усните се исцртуваа со кафен молив.
Ултра мат кармини!
Сосема е сигурно дека мат кармините нема да исчезнат целосно од сцената, но љубителките на шминкањето сè повеќе ќе ги менуваат за некои сјајни производи. Мат и суви усни секако не ја поддржуваат акцентираната природна убавина, па затоа во 2020 година се повеќе ќе прибегнуваме кон сочни опции за кармин.
Графички – negative space туш за очи!
Иако многу присутни на модните писти и црвениот тепих, овие трендови не се наменети да траат, а една од причините е што тие не се применливи во секојдневниот живот. Кога се создадени од експерт, тие изгледаат одлично, но ако немате доволно вештина во ваши раце, ќе изгледаат како детски цртеж.
Дебел туш за очи – не!
За да се постигне целосен полн погодок со туш за очи, потребно е да имате соодветна форма на окото, прецизна рака и уште попрецизен апликатор, во спротивно може да изгледате премногу грубо. Овој мејкап изглед не одговара на секој, па затоа би било најдобро да го оставите во 2019 година.
Кој тренд од 2019 година би сакале да го пренесете во оваа година? Споделете во коментари!