Дозволете си мала мејкап трансформација за да ги испробате зимските трендови во шминкањето. Се носат нагласени очи, а мејкап артистите предлагаат сè што можеби во други околности не би се осмелиле да го носите.
Жените кои ги следат светските трендови и кои сакаат да се дотеруваат во секоја пригода ќе бидат воодушевени од најновите мејкап трендови кои се чиста спротивност на ситуацијата во светот, но „дишат“ заедно со безбедносните мерки.
Гламурозни, дури и премногу нагласени очи е одличен начин да излезете од сивите денови и да го вратите во живот вашето лице покриено со маска. Светски познатите шминкери предлагаат четири начини на шминкање за посакуван зимски мејкап изглед.
Нагласени веѓи!
Бидејќи над маската се видливи само очите и веѓите, сега е вистинско време да се потрудите за нивниот изглед. Дали се добро обликувани? Дали ви одговараат на обликот на лицето и очите? Шминкерите предлагаат да набавите добра „алатка за цртање веѓи“, односно молив со четка на другиот крај или сенка за веѓи за да поиграте со разни облици на веѓите, така ќе можете да откриете што најмногу ви одговара. Само не смеат да бидат премногу темни или исцртани со строги линии!
Сенки за очи во ведри бои!
Зошто да не? Покажете пркос на оваа неизвесна година и развеселите се со сенка во некоја неочекувана, ведра боја што нормално не би ја носеле. Старото правило налагаше сенката за очи да не биде во бојата на очите, но денес сè е дозволено. На пример, ако имате сини очи слободно изберете сина сенка за очи, но во темно сина нијанса! Жолта, виолетова, зелена… луди нијанси на сенки кои се создадени за поигрување.
Величествениот туш!
Веројатно сте ги забележале нагласените, ретро линии на очите што ги обожава Ariana Grande. Таквите, па дури и поизразени мачкасти очи се повторно голем хит, а покрај мирна рака за тоа ви е потребна и добра алатка. Мој совет – тушот секогаш нанесувајте го на сенка за да не ви „избега“ линијата, а пред тушот линијата повлечете ја со црн молив за очи.
Волшебен бакар!
Дали знаевте дека сенките за очи во бакарни нијанси одговараат скоро на сите? Бакарните нијанси добро се комбинираат со сини, сиви, кафеави и зелени очи, а уште подобра вест е дека тие изгледаат одлично кога се нанесуваат со прсти, без многу да се внимава на формата. Со посветли очи, шминкерите предлагаат линија со црн туш, со цел да се добие вистински wow ефект.