Здравствените експерти се согласуваат дека носењето на заштитна маска е еден од најодговорните начини во борбата против ширењето на КОВИД-19 вирусот за време на пандемија. Покривањето на устата и носот спречува вирусот од заразени лица да премине на други луѓе. Сепак, со носењето на маските се појавува нов проблем на кожата, а тоа се „маскни“. Овој термин е создаден од зборовите „маска“ + „акни“ и се однесува на акни кои се предизвикани од повеќечасовното носење на заштитна маска. Во продолжение ви откривам како да ја спречите појавата на „маскни“, но и како да ги лекувате!
Зошто настануваат акни под маската?
Носењето на заштитни маски може да доведе до создавање на акни поради директното физичко триење на маската со кожата, што доведува до воспаление на кожата. Маските стимулираат создавање на мозолчиња, со задржување на влагата во неа, што овозможува зголемен раст на микроорганизми. Акните кои се предизвикани од триење, се нарекуваат „acne mechanica“ кои се чести кај спортистите – нивните тела се топли и испотени, а постојано кожата се допира со облеката, со што се создава средина за формирање на акни. Слично се случува и со заштитната маска.
Како да ги препознаете „максните“?
Ќе знаете дека вашите мозолчиња припаѓаат на т.н. „маскни“, доколку се појават по должината на работ каде маската ја допира кожата и на целиот регион на кожата покриена со маска.
Видот на заштитна маска е многу важен!
Доколку имате можност, дерматолозите советуваат дека најдобриот материјал за вашата кожа е 100% памук. Ова значи дека треба да изберете трослојни памучни маски, кои нема да ја задржат вишокот на топлина. Секој ден по носењето, менувајте ја маската и измијте ја добро, со цел да ги отстраните остатоците од пот, себум, СПФ крем, шминка и производи за нега на кожата.
Доколку носите хируршки маски за еднократна употреба, дерматолозите ве советуваат да ги менувате што почесто. Покрај тоа, за да го намалите ефектот на триење, ставете силиконски налепници на точките што најмногу ја допираат кожата кога носите маска.
Како да спречите создавање на „маскни“?
Дерматолозите советуваат никако да не ја прескокнувате редовната рутина за нега, како што е миење на лицето наутро и навечер со нежно средство за чистење. Побарајте производ без сулфат, масло и мирис. Нанесувајте редовно лесен дневен крем (идеално гел-текстура), а ако повеќе часови носите маска, не нанесувајте шминка на делот што ја покрива маската.
Кога и да е можно, кратко соблечете ја маската за да и дадете „пауза“ на вашата кожа. Ова правите го само на отворено, каде што нема луѓе во близина. Исто така, ако сами се возите во автомобил можете слободно да ја тргнете маската.
Во вечерните часови можете да нанесете маска за чистење на лице базирана на активен јаглен или глина, што ќе ја смири кожата и ќе го апсорбира вишокот на маснотии од кожата.
Како да се справите со акните!
Исто како и кај сите видови акни, дерматолозите советуваат да не се обидувате да ги стискате или да ги допирате. Ова само ќе предизвика повеќе оштетување на кожата и ќе треба подолго време за да поминат. Ако почувствувате создавање на мозолче нанесете спот третман или лепенка за акни над неа.
Вашата стратегија за „маскните“ мора да вклучува многу трпеливост. Набавете средство за чистење на лице засновано на салицилна киселина, кое ќе ги отпуши вашите пори. Ако ви треба спот третман во аптека побарајте крем базиран на бензоил пероксид. Кожата редовно нахранете ја и хидрирајте ја со серуми и крем гел базиран на ниацинамид, хијалуронска киселина.