Без разлика каква форма имате, сакајте ги и негувајте ги вашите усни, a кога станува збор за шминка еве неколку трикови кои ќе ви го дадат токму она што го сакате.
Како и секој дел од нашето тело, така и нашите усни се сосема уникатни. Ги има во сите можни форми – од тенки, полни, пропорционални и оние малку помалку пропорционални. Токму такви треба да ги сакаме и негуваме, особено во есен и зима, кога постојано се изложени на студен воздух. Кога е во прашање шминката на усните, секогаш има различни изгледи со кои ќе ги ставиме во преден план или сепак малку ќе ги неутрализираме во корист на интензивна сенка за очи или маскара. Во зависност од тоа каква форма имате, ви носам неколку трикови и совети како да го постигнете токму она што го сакате.
Пропорционални усни!
Имате најголема слобода во изборот на бои и текстури, но запомнете дека нуд и светли нијанси може визуелно да ги намалат усните, исто како и многу темни бои на кармин. Оние интензивни, живи бои ќе бидат оптимални, но тоа се разбира зависи од тоа каков мејкап изглед сакате.
Мали, заоблени усни!
За да го нагласите волуменот на малите и заоблени усни, користете сјајни кармини и сјаеви. Тие визуелно ќе ги зголемат, а вниманието фокусирајте го на интензивни нијанси. Избегнувајте темни нијанси, бидејќи усните ќе изгледаат помали отколку што се.
Поголема долна усна!
Ова е една од најчестите форми. Доколку сакате да ја нагласите долната усна, нанесете малку посветла нијанса на кармин на нејзината средина и слободно користете мат кармини. Ако сакате да го балансирате изгледот, изберете сјајни кармини и нуд, природни нијанси. Во овој случај, можете да нанесете и малку коректор пред да нанесете кармин за визуелно да ги „заматите“ линиите на усните.
Поголема горна усна!
За да ги избалансирате усните, врамете ја горната усна, а долната усна малку прецртајте ја со молив. Можете и визуелно да создадете рамнотежа со нанесување на посветла нијанса на кармин и сјај на долната усна.
Рамни усни!
Доколку имате впечаток дека вашите усни се „рамни“, односно не се природно полни, веројатно сакате да додадете малку волумен. Тоа можете да го постигнете со користење на пудра која ќе ја нанесете околу усните. Потемен молив од нијансата на карминот ќе ви биде корисен за вашата рамка околу усните, а доколку сакате можете да ја преминете природната линија на усните. Со молив пополнете дел од усните, а на останатиот нанесете кармин. Во средината на усните нанесете сјај или бел молив за визуелно да ги подобрите.
Тенки усни!
Ако сакате малку да ги „подобрите“ вашите тенки усни, ќе користите молив кој е за две или три нијанси потемен од вашиот тен и од средината на усните ќе исцртате нова линија која потоа ќе ја споите со природната. Најмногу ќе ви одговараат сјајни кармини или сјаеви кои секогаш визуелно ќе ви ги зголемат усните. Можете да нанесете и посветол сјај во средината на усните за да добиете волумен, а пред се ставите малку пудра околу усните за да создадете илузија на сенка.
Широки усни!
Ако имате широк облик на усни, сигурно имате најубава насмевка. Ако сакате да додадете малку вертикален волумен, врамете ги усните со малку потемно моливче од бојата на карминот, а кога тоа го правите лесно преминете преку линијата на природните усни кај долниот среден дел. Ќе ви одговараат мат текстури и неутрални, нуд кармини.
Облик на срце!
Оваа форма се карактеризира со истакнат „купидонов лак“ во средината на горната усна и е една од најпосакуваните форми. Доколку сакате да ги истакнете уште повеќе, користете потемно моливче за да ги врамите усните, а во средината нанесете малку посветла нијанса на кармин или сјај, што дополнително ќе го нагласи обликот на срце.